Вардар доминираше во Тетово! Ја наполни мрежата на Ренова со 5 голови! (ВИДЕО)

57527-mak-fudbal-vardar-renova-27112016-7406

 

Екипата на Вардар одигра шампионски и стигна до лесна победа против секогаш незгодната Ренова (2-5). Гледачите на стадионот во Тетово имаа можност да проследат допадлив меч со многу гола и атрактивни потези, во кој трите бода ги освои фаворитот од Скопје.

Првиот дел беше еден од најатрактивните оваа сезона, а беа постигнати дури шест гола. Шампионот брзо наметна свое темпо и стигна до резултатска позитива со автоголот на Башким Велија уште во 6. минута. Само седум минути подоцна, Хуан Фелипе беше фаулиран во казнениот простор, па гостите добија можност да го зголемат водството од белата точка. Одговорноста ја презеде Дејан Блажевски, кој силно биеше во десната страна на противничкиот голман за високи 0-2 за Вардар.

Фудбалерите на Ренова се разбудија и успеаја да намалат на 1-2 преку Арџент Гафури, но нивната радост траеше само една минута. Максим Максимов го постигна својот втор гол во „црвено-црниот“ дрес за нова предност на гостите од два гола (1-3).

Суперинтересната средба пред паузата беше надополнета со два нови гола. Најпрво Гафури намали на 2-3, а потоа голеадата по првите 45 минути ја комплетираше Хуан Фелипе со прекрасен гол од слободен удар (2-4).

Вториот дел помина мирно и далеку понеатрактивно од првиот, па мрежите мируваа се до последните минути од мечот, кога Итало го постави конечниот резултат од 2-5. Во следното коло, Вардар го игра вечното дерби против Пелистер, а Ренова му гостува на Шкупи.