Фудбалски ден за Македонија! Поразена и Норвешка во Скопје! (ВИДЕО)

Pandev-so-Norveska

Фудбалската репрезентација на Македонија со посакуван триумф ја заврши 2017 година. На „Филип Втори“ падна Норвешка, против која за првпат во историјата славевме во натпревар, совладувајќи ја со 2-0 (1-0).

Избраниците на Ангеловски заслужено дојдоа до триумфот кој ќе ги дигне уште погоре на најновата ФИФА-листа. Воедно, со триумф ја завршија и 2017 година, во која репрезентацијата има само еден пораз и е доста ефикасна и се оценува како една од најуспешните за репрезентативниот мак-фудбал. Иако без Несторовски и Адеми, Македонија доминираше, па заслужено ги совлада Норвежаните кои делуваа изгубени на дождливото време во Скопје. Погодоците вредни победа ги постигнаа капитенот Горан Пандев и младиот Кире Маркоски.

„Црвено-жолтите“ и Норвешка тргнаа мирно во мечот, а за првата шанса се чекаше дури 12. минути, кога се закани Алиоски. Само три минути подоцна, истиот фудбалер имаше шанса по едно проигрување на Пандев и Трајковски, но немаше среќа да реализира со удар во пад и неговиот удар заврши крај стативата.

Во 19. минута Норвежаните ја имаа најзрелата шанса за гол, преку „чудото од дете“ Мартин Едегард, кој се најде во позиција во шеснаесетникот на Димитриевски, но биеше само во стативата. Во продолжението од мечот се играше пас-игра, проследена со доста прекини и прекршоци, а Норвешка повторно се закани во 36. минута, преку Камара кој излезе пред голот, но топката ја испрати високо над пречката.

По пропуштените шанси на гостинот, следеше казната. Пред крајот на првиот дел Македонија успеа да го отвори резултатот по една фантастична акција на Пандев и Алиоски. Фудбалерот на Лидс Јунајтед доби топка од Барди, а потоа перфектно го проигра Пандев, кој заврши со стил и го даде 31. гол во државниот дрес.

Со еден гол предност Македонија замина на паузата (1-0), а доминацијата продолжи и на стартот на второто полувреме. Во 56. минута Енис Барди шутираше силно од слободен удар, но неговиот шут го одби голманот Гритебуст, а потоа шанса имаше и Иван Тричковски, по една топка од Алиоски, но голманот на Норвешка пак беше на ниво.

Пред финишот на мечот, точка на победата стави Кире Маркоски, со погодок во 94. минута, откако Норвежаните направија кикс во одбраната, а напаѓачот на Работнички погоди на празен гол