Рамос, Дибиров, Несторовски…Еве кој се носи патики дизајнирани од скопјанецот Сатја Грабуловски (ФОТО)

Untitled-collage-1170x731-696x435

Скопјанецот Сатја Грабулоски е единствениот кај нас што дизајнира и исцртува персонализирани патики. Уникатни патики од Сатја носат Серхио Рамос, Тимур Дибиров, Андреа Лекиќ, Лина Ѓорческа, Барсегјан. Денеска фудбалерот Давид Бабунски ќе го добие својот втор пар уникатни патики што му ги исцртал Грабулоски. Но, прв во Европа што играше со вакви персонализирани патики е фудбалскиот репрезентативец Илија Несторовски.

 

Иако е политиколог и магистер по маркетинг, дизајнот и уникатноста се поголем предизвик за Сатја Грабулоски. Затоа и решил да ја отвори компанијата S.ignature, која изработува персонализирани патики. Не било лесно, но љубовта кон дизајнот е она што го натерало да биде единствен и поинаков.

„На почетокот ме прашуваа: И, сега, што ќе работиш? А јас им одговарав: Ќе цртам патики. Можете да го замислите лицето на соговорникот. Но, тоа ми беше поттик. Нема поголем предизвик од создавање производ и генерирање негова побарувачка. До пред две години во Европа не постоеше професионално студио за рачна изработка на патики. Денес, патики направени од нашиот тим шетаат од Копенхаген до Атина. А и луѓето повеќе не ме гледаат чудно кога ќе им кажам што работам“, раскажува Грабулоски.

Приказната започнала пред 10 години кога почнал да црта на своите кошаркарски патики. Денес, приказната на Сатја ја раскажуваат познатите спортисти ѕвезди кои носат исцртани патики со неговиот потпис.

„Никогаш не ми се допаѓала идејата да направам производ кој е нецелосен и недоволно тестиран. Првите 4-5 месеци од работењето ги посветив на комплетно анализирање на занаетот почнувајќи од техниките на работа до заштита на цртежот. Најважно ми е производот да е инспириран од нашите естетски вредности, но и да е професионално изработен за дизајнот да трае долго колку и штеповите на патиките“, вели магистерот по маркетинг.

Процесот започнува со изработка на скица. Доколку се работи за уникатен дизајн, идеите на клиентот се префрлаат на хартија, но кога клиентот нема точна визија што сака, тогаш Сатја и тимот бараат начин како да ја реализираат идејата. Откако скицата ќе биде одобрена, започнуваат со изработка на патиките. Освен ова, изработуваат и патики во серии, но и тие се уникатни.

„Секоја патика е поинаква и единствена. Една рака не може да нацрта иста работа двапати“, додава Грабулоски.

Сатја е среќен што светските спортски ѕвезди играат со патики што тој им ги исцртал. И што даваат голови во нив.

„Едноставно, држам парче историја во раката. Патики во кои ќе се даде гол за победа. За титула. А кога тоа ќе се случи, чувството е неверојатно“, раскажува тој.
Работата на еден пар персонализирани спортски патики трае околу 55 часа не вклучувајќи го периодот на сушење, открива дизајнерот. Вели дека нема фаворити. Ни се пофали и дека додека ги црта патиките, на неколку дена се претвора во Серхио, Тимур или Андреа.

„Се трудам да вградам атом љубов во секој потег што го правам со четката. Секој дизајн дише во духот на неговиот сопственик, ама на начинот на кој јас сум го доживеал. Како што Тимур вели, има нешто шампионско во операционализираните патики на Сатја“, искрен е Грабулоски.

Не открива имиња, но гордо истакнува дека неговите персонализирани патики ќе ги носат набргу фудбалери од англиската Премерлива и шпанската Примера, ракометни и кошаркарски репрезентативци, наши и од регионот, и еден светски шампион.