Мејведер останува на врвот и по “Битката на Векот” (ВИДЕО)

Се случи најисчекуваниот боксерски меч во историјата, судир на светови, како што многумина го нарекоа. 29-годишниот Конор Мекгрегор, UFC првак во две категории, против 40-годишниот Флојд Мејведер, првак на светот кој никогаш не загубил меч.

Мејведер никогаш не изгубил борба, освоил 15 светски наслови, во 49 борби има 49 победи, никој не му дошол ни блиску, и е еден од најкомплетните боксери во последните 20 години. Мекгрегор има 29 години и е првак во UFC. 

Мекгрегор влезе жестоко во борбата, даде неколку добри удари, но Флојд тоа го издржуваше без поголеми проблеми. Во четвртата рунда Мекгрегор силно се залета на Флојд, изгледаше како Американецот да е во проблеми, но се извлече. Од петтата рунда Конор не делуваше агресивно, а ударите му беа безопасни. Мејведер изгледаше како само што да влегол во борбата. Од шестата рунда Американецот беше во голем налет, а Ирецот цело време тешко ги држеше рацете горе, па прими неколку сериозни удари во глава. 

Во деветтата рунда Конор повторно отвори агресивно, го удри Мејведер во препони, па тој му возврати со одличен директ. Во десеттата рунда Ирецот прими неколку тешки удари, одвај се држеше на нозе, па судијата ја прекина борбата. 

Едно е сигурно, и двајцата си заминуваат дома задоволни со 200+ (Mayweather) односно 100+ (McGregor) милиони долари на својата банкарска сметка.